Учи со Клик(ЕР)


Учи со Клик(ЕР) е образовна програма која нуди можност за учење и себенадградување онлајн.

Целта на оваа интернет образовна програма е учесниците да ги подобрат своите вештини, знаења и ставови, кои ќе им помогнат во унапредувањето на своите работни позиции, или пак ќе им го олесни процесот на барање работа.

Курсевите ќе се реализираат преку интернет платформата за учење, а се наменети пред сè за студенти, ученици, млади луѓе кои активно бараат работа или се веќе вработени и кои имаат потреба од доусовршување на своите знаења и вештини. Секој курс е бесплатен и е во времетраење од 20-30 работни часа, а начинот на учење и следење на курсот го определувате самите вие.

Со секој завршен курс се стекнувате со сертификат како потврда за вашиот личен напредок.

За да започнете некој од понудените курсеви можете да се пријавите со пополнување на електронска пријава тука. Откако ќе ја пополните пријавата, ќе добиете клуч за влез на избраниот курс.

Курсевите се организирани на следниот начин:

Прв циклус: 11-28 Февруари

Втор циклус: 09-25 Март

Повеќе за курсевите:

1.Курс за комуникациски вештини
Овој курс ви овозможува да ги подобрите комуникациските вештини, подобро да ги изразувате вашите мисли, ставови и подобро да ги разберете вашите соговорници во една работна средина.
Целта на оваа онлајн програма е да понуди структура и рамка на она што секојдневно го искусуваме во процесот на комуникација со другите, да ја подигне свеста за пристапот кон таа комуникација, да ви помогне во идентификувањето во вашите силни, но и слаби страни во процесот на комуникација и да направите соодветни чекори во однос на подобрување на истите.Курсот ги содржи следните модули:
Видови комуникација, Ефективна комуникација, Активно слушање, Стилови на комуникација и Пишана комуникација.
2. Професионално портфолио
Крајот на формалниот образовен процес е најчесто појдовната точка од која почнуваме да размислуваме за развојот на нашата кариера. Реалноста укажува дека изборот на првата работа нема да зависи само од нашите желби, но и од некои очигледни ограничувања, како нашето искуство, вештини, како и тоа што е достапно како потенцијално прво работно место. Сепак, важно е да се размислува не само каде можеме туку и каде сакаме да работиме. Така ги поставуваме целите за во иднина.
Курсот за кариерен менаџмент ви овозможува да се запознаете со основите на професионален и кариерен развој, да стекнете практични вештини за изработка на квалитетни биографии и мотивациски писма.
3. Проектен менаџмент
Курс за управување со проекти кој ќе ви овозможи да ги изградите вашите компетенции во планирање, организирање и координирање на проекти. Овој курс ќе ви овозможи да научите за клучните фази на еден проектен циклус и истите да ги користите при менаџирање на настани, активности и проекти.
Курсот ги содржи следните модули: Вовед во проектен менаџмент, Проектно планирање, Менаџмент на резултати и менаџмент на ризици.
Курсот е составен од тематски презентации и практични вежби кои ќе можете да ги реализирате индивидуално или во тим.